Репрезентацијата на Македонија се врати од Романија каде вчера и завчера учествуваше на „Трофеј Карпати“ каде што успеа да го освои првото место победувајќи го домаќинот во финалето. До заминувањето на Европското првенство останува уште малку време, а веднаш на стартот на 2020 година продолжуваат активностите.
„Јас стравувам за оние играчи кои се во Германија, а немаат доволно минутажа. Тие се во тренажен процес, но не е исто и да се игра. Сакам да имаме точен увид каква е состојбата со нивната форма. На контролите со Грузија не можам да бидам задоволен од одредени играчи. Ќе го земам за пример Кузмановски не ми се допадна како настапи против Грузија. Имаше статички лош батпревар. Затоа на првиот собир на 2 јануари и на контролата против Словенија на 3 јануари ќе имаме подобар увид во формата. Нивниот квалитет не е спорен, но спорна е нивната игра“, изјави Брестовац на денешниот прес.
Тој зборуваше за формата на оние ракометари кои се на вистинскиот пат и од кои секако ќе се очекува многу повеќе.
„Ме радува тоа што Стоилов се врати. Уште тоа не е оптимална форма, но е во нагорна линија. Ристовски има добра минутажа, Манасков и Лазаров. Имаме играчи кои се во добар процес, но сето тоа ќе треба да се вклопи и да се вкомпонира. Добро е што сме во ваква група која е израмнета затоа што го имаме овој недостаток на континуитет на натпревари. Тешко е да се одиграат толку натпревари во краток период. Затоа инсистирав на четири натпревари во ЕХФ неделата, а и сега во последната недела. Имаме ситни повреди, но не е ништо страшно. Видовме како одредени играчи се снаоѓаат со физичкиот напор. Многу е важно за натпреварот против Словенија кој правец ќе го фатиме да видиме што можеме посебно од секој да добиеме во периодот кој ќе следи“.
Во коментарите пред стартот на првенството постои умереност, а тоа го поткрепи со формата и минутажата на одредени играчи.
„Немам добар увид во играта на дел од играчите кои треба да бидат носители. Секој натпревар го гледам, но на терен не можам да видам како се однесуваат ракометарите. Кога би знаел дека Талески и Кузмановски влечат во Бундес би дал оптимистичка изјава. Вака не можам. Повеќе би рекол дури после натпреварот со Црна Гора на 6 јануари наутро. Ова се млади ракометари кои можеби веќе имаат 3-4 настапи. Сега веќе нема криење туку секој ќе мора да повлече и да видиме колку се квалитетни. Досега тие беа млади сега се квалитетни. Затоа мора да бидеме порезервирани“, коментираше селекторот Данило Брестовац.