Македонија ЃП извлече бод против Куманово и го затвори списокот за плеј-оф

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров во 16. коло од групата 1 во Првата машка лига на домашен терен одиграа нерешено 29:29 против екипата на Куманово, а со овој бод практично ги решија дилемите околу екипите кои ќе играат во плеј-офот.

Иако во текот на целиот натпревар Македонија ЃП губеше, сепак, во последните моменти успеа да извлече бод. Куманово добро го отвори дуелот, поведе со 4:1 и до крајот на полувремето успеваше да се одржи во позитива. На полувремето гостите имаа предност од 16:14.

Продолжението не донесе ништо ново, Македонија ЃП безуспешно правеше напори да ја анулира негативата и постојано беше во заостанување два до три гола. Во завршницата Куманово влезе со предност од 29:26, но до крајот со три последователни гола Македонија ЃП успеа да освои бод.

Најефикасни во домашнио тим беа Александар Ѓорѓевски и Иван Митревски со по шест гола. Во екипата на Куманово прв стрелец беше Андреј Миладиновски со девет гола, а Милош Стошиќ постигна шест погодоци.

Овој бод за тимот на Македонија Ѓорче Петров значеше дека Куманово останува и без теоретски шанси за плеј-оф, додека во разигрувањето се пласираа Астраион, Прилеп, Јуниор Кисела Вода и Вардар Неготино.

МАКЕДОНИЈА ЃП – КУМАНОВО 29:29 (14:16)

Сала: Кочо Рацин во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Саше Јанкуловски од Битола.

МАКЕДОНИЈА ЃП: Огњановски, Трајчевски, Србиновски, Ѓорѓевски 6, Добревски 1, Марковски 4, Никодиновски, Митревски 6, Димовски 3, Спирковски 5, Апостоловски 3.

Седмерци: 3/4. Исклучувања: 2 мин.

КУМАНОВО: Кузмановски, Цветковски 1, Димитријевски, Ивановски 4, Ацевски, Кимевски, Стошиќ 6, Стојмановски 2, Миладиновски 9, Даневски, Спасиќ 5, Наумовски 2.

Седмерци: 4/4. Исклучуваања: 8 мин.