Во ефикасен натпревар ракометарите на Вардар дојдоа до тешка победа против екипата на Војводина. Иако играше без поголем дел од првотимците дојде до триумф од 35:33 и освои планирани бодови во Нови Сад.
Наидоа на силен отпор од домаќиноте, а Војводина одигра и подобро во првото полувреме. Од стартот имаше нешто повеќе од играта и успеваше да го контролира резултатот. Одбраната на Вардар не функционираше најдобро и имаше многу голови.Највисоката предност беше пет гола, 18:13, но на одмор беше четири откако Вардар намали на 20:16.
Во вториот дел вардарци тргнаа подобро. Голманите фатија некоја топка и овозможија да се фати приклучок. Израмнувањето стигна во 42. минута кога резултатот беше 24:24. Веднаш потоа со голот на Дибиров беше обезбеден и пресврт за 25:24 за Вардар и тука работите тргнаа на подобро.
Имаше менување во водство до 50. минута, а тогаш Вардар го презеде диктирањето на темпото. Постојано беше во предност, а на пет минути до крајот беше обезбедено и плус три, 32:29. Разликата беше зачувана без проблеми бидејќи искуството дојде до израз. Војводина на пет секунди до крај намали на два гола, но Вардар си заминува со триумф од Нови Сад така што не би требало да има проблеми да остане на врвот во Групата А во СЕХА.
Дибиров со 11 и Атман со десет гола беа најефикасни. Одработија најдобро во овој дуел, но имаа добра поддршка и од колегите во оваа победа.
ВОЈВОДИНА – ВАРДАР 33:35 (20:16)
Сала: „Слана бара“ во Нови Сад. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.
ВОЈВОДИНА: Арсениќ (6 одб.), Веркиќ (2 одб.), Овчина, Ковачевиќ, Милиќ, Мирковиќ, Прибак, Медуриќ 3/3, Ратковиќ 2/2, Продановиќ, Томиќ 7/9, Станковиќ 4/5, Николиќ 4/6, Роган, Гроданиќ 11/15, Вучковиќ 2/2.
Седмерци: 5/7, Исклучувања: 6 мин.
ВАРДАР: Гедбан (4 одб., 1 сед.), Кизиќ (1 одб.), Гогов, Кукуловски, Димитриоски, Карапалевски, Пелко 1/1, Атман 10/12, Скубе 4/9, Калараш 3/4, Чупиќ 3/6, Дибиров 11/13, Ќосевски 3/4, Горпишин.
Седмерци: 1/1, Исклучувања: 10 мин.