Металург со позитивни мисли на одмор во Велење, има плус еден против Горење

Екипата на Металург води на полувреме против Горење на првиот дуел од 3. коло од Купот на ЕХФ со 11:10. Најголемата предност изнесуваше три гола, но во финишот на првиот дел не беше зачувана, но и вака резултатот е позитивен.

Натпреварот тргна со водство на Металург откако Лазаревски реализираше уште во првиот напад. Работите тргнаа добро, а откако Горење израмни, следуваа два гола за 3:1 во 4. минута. Оваа позитива од два гола се чуваше неколку минути, а потоа домашните се вратија и измранија на 5:5 во 13. минута.

Тука одново Металург дојде во предност, а откако домашните израмнија на 6:6 следуваше уште подобра игра во одбраната и нападот. Дупјачанец запре неколку удари, а потоа во нападот се реализираше, па во 24. минута резултатот беше 10:7 во корист на металурзите.

Иако се имаа плус три само две грешки беа доволни противникот веднаш да се врати. Играта која никако не смееше да се дозволи се случи. Горење ја користеше секоја можност за брзи напади и реализација, па успеа да се избори за шанса за шут на непоставена одбрана и тоа не дозволуваше Металург да има и повисока предност.

На одмор се замина со 11:10, а во првиот дел Танкоски и Серафимов беа најефикасни со по три гола, додека два имаше Поповиќ. По еднаш во листата на стрелците се запишаа Мариќ, Лазаревски и Кбилашвили.