Кога станува збор за женскиот ракомет невозможно е а да не се спомене една од најголемите ракометни легенди Ирина Полторацкаја. Во нејзината богата ракометна кариера има освоено медали од сите големи натпреварувања и затоа не случајно многумина ја сметаат и како најдобар играч во ракометот воопшто.
Ирина е родена на 12 март 1979 година во градот Антрацит. Интересна е приказната за тоа како Ирина стигнала на првиот ракометен тренинг. Според тогашниот принцип на избор на играчи, строгите руски тренери во училиштата ги избирале највисоките девојки и токму тие ја добивале шансата да стигнат до ракометните терени, а Полторацкаја не спаѓала во оваа категорија. Сепак после еден краток разговор со својот тренер, го добива својот прв повик за тренинг и на тој начин започнува нејзината ракометна кариера во градот Ростов Дон, во тогашниот клуб Ростелмаш (Источник).
Со нејзиниот матичен клуб во 1998 година, за првпат го освојува домашното првенство и после три години решава да се пресeли во екипата на Лада Тољати. Во екипата на Лада настапува четири години и во овој период уште три пати успева да ја освои титулата во руското првенство.
Во 2001 година Ирина го освојува својот прв златен медал на Светските првенства. Тоа се случува на Светското првенство во Италија, каде таа е еден од лидерите на “зборнајa”, a како резултат на своите извонредните настапи е избрана за најдобар централен играч на првенството. Во 2002 година покрај успесите со екипата на Лада во домашното првенство, имаше успешна презентација и во Европа освојувајќи го Купот на победниците на куповите.
Сериозната повреда на нејзиното колено стави огромен прашалник на нејзината кариера, и после серија операции во 2004 година заминува во Данска каде што конечно се решаваат нејзините проблеми.
Следната година е една од најтрофејните во нејзината кариера. Во екипата на Шлагелсе постигнува огромни успеси кога најпрво успева да го освои данскиот шампионат, а во месец мај истата година го крена и шампионскиот пехар во Лигата на европските шампиони. Крајот на трофејната 2005 година го крунисува со второто злато од Светското првенство одиграно во Русија.
После две сезони поминати во Данска, Полторацкаја се враќа во родната Русија, но овој пат потпишува за екипата на Звезда Звенингород. Иако во 2006 година не го освојува домашното првенство, благодарение на одличната игра во европските купови во оваа сезона, Полторацкаја успева да стигне до златниот медал во второто по квалитет натпреварување во женскиот ракомет- ЕХФ купот. На крајот од оваа година ја зголемува својата колекција на медали, овојпат освојувајки го своето прво европско сребро од првенството во Шведска.
Во 2007 година Полторацкаја стигнува до петтата титула во руското првенство, а на крајот на годината руската репрезентација ја потврдува доминацијата во светскиот ракомет и во финалето со одлична игра успева да го совладува најголемиот ривал – Норвешка.
Најголемиот дел од руските репрезентативки во оваа година беа дел од составот на Звезда Звенингород и големиот руски стратег Евгениј Трефилов ја искористи оваа предност за подготовките на репрезентацијата за Олимписките Игри во Пекинг во 2008.
Иако мислите на најголемиот дел од руските играчи беа насочени кон спортскиот настан број 1 на планетата, играњето во ист клуб придонесе екипата на Звезда да успее за првпат да ја освои Лигата на шампионите, со што тие стануваат првата и единствена руска екипа која ја освојува најсилната клупска титула, а за Полторацкаја ова претставува второ злато во оваа конкуренција.
Во големото финале на Олимписките Игри во Пекинг копјата повторно ги вкрстија двата најголеми конкуренти Русија и Норвешка. Овој пат Норвежанките успеваат да се одмаздат за поразот од Светското првенство во Франција, со што руската репрезентација го освои второто место, а со тоа Полторацкаја стана носител и на сребрениот медал од Олимписките игри.
Последниот успех на репрезентативен план Ирина го постигнува на Европското првенство во 2008 година одиграно во нашата земја, каде што Русија предводена од Полторацкаја успева да стигне до бронзениот медал после подобрата игра во малото финале против Германија.
Во 2010 Ирина Полторацкаја решава да стави крај на својата ракометна кариера.
Приватен живот
Што се однесува до приватниот живот, Полторацкаја неколку годишната љубов ја круниса на 24 јуни 2011 година кога стапи во брак со едно од најдобрите светски ракометни крила и член на РК Вардар – Тимур Дибиров. Една година подоцна на свет доаѓа нивниот син Мурад.
Трансферот на нејзиниот сопруг за машкиот ракометен тим на Вардар, ја носи Ирина измината година во Скопје, каде што таа ги минува деновите бодрејќи ги сопругот како и нејзината најдобра пријателка Инна Суслина.