Поранешниот голман на Вардар, кој ги брани боите на Веспрем, Арпад Штербик ги демантираше објавите дека ќе се пензионира на крајот на оваа сезона и стави до знаење дека е уште рано да размислува за пензија и дека планира и понатаму да брани.
Тој демантираше дека дал некаква изјава поврзана со негово пензионирање и вели дека во моментов не размислува за нешто слично.
„Не знам од каде потекнуваат овие информации бидејќи јас сум сигурен дека на никого не му изјавив такво нешто дека сум одлучил да се пензионирам. Дури ако јас се прашувам никогаш нема ниту да се пензионирам иако добро знам дека еднаш ќе мора да дојде и тој ден. Сè додека јас се чувствувам добро и физички подготвен а да стојам на голот и ќе бранам“, вели Штербик за унгарските медиуми.
Воедно потврди и дека нема намера да си заминува од тимот на Веспрем бидејќи не сака да игра во друг клуб. Нему му одговараат амбициите кои ги има Веспрем, но и притисокот со кој се соочува во оваа екипа.
„Поминав низ многу земји како спортист, играв за многу клубови низ светот и малку е веројатно дека ќе го напуштам Веспрем. Не сакам само да сум дел од некој клуб туку ми треба возбуда, напнатост, натпревари од Лига на шампиони. Тоа значи дека сакам да останам во клубот кој има високи цели. Едноставно не сакам да бидам дел од екипа каде што младите играчи би се прашувале што бара овој старец овде. Тоа не можам да си го сторам ниту на себеси ниту на нив“, коментира Штербик.
Со ова станува јасно дека некој се обиде предвреме да го пензионира голманот на Веспрем и поранешен „чувар на мрежата“ на Вардар, па оттаму е јасно дека тој ќе биде уште на голот на шампионот на Унгарија.