Екипата на Бутел Скопје дојде до победа од 18:14 на првиот натпревар од 2. коло во Купот на ЕХФ и на тој начин се избори за убава предност за реваншот кој ќе се игра следната недела во Украина.
После натпреварот имаше задоволство кај сите во Бутел поради историската победа во Европа, но јасно е дека можеше да биде и поубедливо.
„Некогаш и еден гол е доволно за да се обезбеди пласман понатаму, а некогаш и седум се малку. Сепак, ова е прв натпревар дома. Ова е историја за Бутел Скопје. И играчите беа под притисок. Се надевам дека таму ќе играме полесно. Видовме дека можеме да играме. На моменти се забележа тоа, но веројатно поради тоа што првиот меч го игравме на домашен терен имавме некој дополнителен притисок и сега мораме да одиме на реваншот со кренати глави и да одиграме како што треба“, изјави тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски за 24 Ракомет.
Во однос на играта која што беше прикажана од страна на противникот вели дека тоа било речиси идентично на она што го виделе на снимките кои ги имале.
„Тоа што го гледавме и го покажаа. Не понесе еуфоријата, па некои моменти на немање среќа пресудуваа. Поголемата вина ја гледам во промашените зицери, а сè друго што се договоривме и го изработивме. Затоа и паднаа така малку голови. Верувам доколку ја качиме реализацијата дека ќе биде многу подобро на реваншот“.
Со оглед на тоа што повеќето ракометари на ЗТР Запорожје се високи над 190 сантиметри и тешко е да се шутира над нив, сепак, вели дека веќе покажале дека знаат да се снајдат со нив.
„Има една поговорка ’И тополите се високи’, но тоа не би требало да биде проблем. На овој прв натпревар ние имавме шанса и имавме и контри. За нас поголем проблем беше реализацијата така што ќе беше поинаку, ако дојдовме до поголема разлика. Ако имавме 5-6 разлика ќе беше многу полесно. Сепак, ова е ракомет и спорт и неизвесноста е секогаш присутна“, рече Грчевски во изјавата после натпреварот дадена за 24 Ракомет.
Реваншот против ЗТР Запорожје се игра на 13 октомври од 18 часот, а тоа што Украинците постигнаа само 14 гола во Скопје е секако мала предност за Бутел Скопје така што ќе имаат можност на најдобар начин да ги бранат овие четири разлика од првиот натпревр одигран во Скопје.