Екипата на Бутел Скопје на своето деби во Европските купови дојде до победа од 18:14 против тимот на ЗТР Запорожје откако во текот на целата средба беше во предност. Победата е заслужена, а дали плус четири ќе бидат доволни за реваншот ќе се види во Украина.
Од првата минута на средбата се виде дека ова ќе биде натпревар со малку погодоци. И двете екипи тргнаа далеку подобро во одбраната, а Даскалоски и Веремчук беа на ниво на стартот. Ова донесе малку голови, а првиот погодок го постигна капитенот на ЗТР Запорожје, Акименко во 5. минута.
До 10. минута од натпреварот имаше само четири гола, а резултатот беше 2:2. Играта со малку голови продолжи и во следните минути. На овие четири гола во првите десет минути беа додадени уште пет во следните десет. Бутел Скопје успеа да се снајде подобро и да најде начин како да се стигне до плус три. Водеше со 6:3 во 20. минута од средбата, а ова беше добар показател.
Сепак, и на двете страни имаше грешки односно и на двете страни не одеше најдобро во нападот. Тоа придонесе за до крајот на првиот дел да дојде до враќање во игра на гостите од Украина кои успеаја да се вратат и на одмор да заминат со негатива од гол.
Пресудуваа нијанси, а Бутел Скопје беше подобар за еден гол и имаше 8:7 после првото полувреме.
Вториот дел тргна со одлична одбрана на домашните. Бутел Скопје одново се избори за предност од три гола и поведе со 10:7, но потоа со три грешки следуваше казна и во 41. минута веќе беше нерешено, 10:10.
Следуваа неколку минути со игра гол за гол при што се играше исто. На секој гол на Бутел Скопје гостите одговараа со погодок, но и на секоја грешка со нивна грешка. Така се дојде до 12:12, кога стигна казната и со голот на Стрелников екипата на ЗТР Запорожје по вторпат после почетните 1:0 стигна до водство. Сепак, брзо следуваше израмнување на 13:13 (48. минута), а потоа и ново водство за Бутел Скопје со головите на Милошевски и Мајиќ.
Тука следуваше зацврстување на одбраната на Бутел, а тоа донесе и резултат. Иако имаше малку погодоци, сепак, првпат беше обезбедена предност од четири гола. Девет минути екипата на ЗТР Запорожје не успеа да постигне гол, па тимот на Бутел Скопје водеше со 17:13.
До крајот имаше уште по еден погодок и по една неискористена акција така што на крајот победата остана за домашните, кои се изборија за триумф од 18:14 и со четири гола разлика ќе патуваат во Украина следниот викенд.
БУТЕЛ СКОПЈЕ – ЗТР ЗАПОРОЖЈЕ 18:14 (8:7)
Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 300. Судии: Богдан Калуѓеровиќ и Иван Вујачиќ од Црна Гора. Делегат: Михаил Башев од Бугарија.
БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски (4 одб., 2 сед.), Блажевски (4 одб.), Димов 1, Младеновски 2, Стојановски, Ѓеоргиевски 1, Божиновски, Шокоски, Димовски, Спасовски, Мојсоски 3, Милошевски 2, Миланов, Печенковски, Василевски 2, Мајиќ 7.
Седмерци: 6/7, Исклучувања: 4 мин.
ЗТР ЗАПОРОЖЈЕ: Веремчук (10 одб., 1 сед.), Вјуник, Северин, Стрелников 2, Акименко 3, Бурзак 1, Константинов, Ганчев, Исанчук 1, Арцеменко 1, Тилте 4, Залевски 2, Илченко.
Седмерци: 3/5, Исклучувања: 14 мин.