Хрватскиот шампион Загреб денеска на домашен терен ќе се сретне со Металопластика во рамките на регионалната СЕХА лига. Двата поранешни европски шампиони ќе бидат предводени од ракометните легенди на тимот од Шабац, Веселин Вујовиќ и Веселин Вуковиќ, кои имаат две титули со Металопластика од Лигата на шампионите.
„Натпреварот против Металопластика ќе биде специјален за мене. Минав дел од кариерата таму, ја освоив ЛШ. Денеска тоа е сериозен тим, што игра брз ракомет и предводен од одличен тренер, па нема да ни биде лесно“, вели Вујовиќ.
Гостите од Србија загубија на сите гостувања во СЕХА лигата, а се чини дека ќе им биде тешко да се вратат со бодови од Загреб.
„Очекуваме добар меч во Загреб, откако одигравме одлично во Шабац на првата средба. Тие сега го променија начинот на игра, па ќе биде тоа тест за нашите можности“, изјави Вуковиќ.
Натпреварот меѓу Загреб и Металопластика се игра вечерва во „Дом спортова“ со почеток во 20:45 часот.