Некогашниот двоец на шампионскиот тим на Вардар од 2017 година, Арпад Штербик и Иван Чупиќ, за момент повторно ќе станат соиграчи на ракометниот терен.
Тие двајца ќе бидат дел од тимот на Урош Зорман, кој ќе се соочи со тимот на Лука Жвижеј во ревијален натпревар во Целје. Двете словенечки легенди и официјално ќе се збогуваат со кариерата, иако од поодамна Зорман не е на теренот како играч, а Жвижеј играше до јуни.
Зорман, кој во моментов е помошник на Талант Душебаев во Келце и на Веселин Вујовиќ во словенечката репрезентација, одигра 225 меча за Словенија и даде 702 погодоци.
Ревијалниот натпревар на кој ќе продефилираат многу ракометни ѕвезди, некогашни и сегашни, се игра на 24 октомври во „Златорог Арена“ во Целје со почеток во 19:15 часот.