24 КОМЕНТАР: „Отпишаните јунаци“ го најавија новиот македонски ракометен бум

Македонија е деветта светска сила, во кадетска конкуренција!

Пласман или успех кој ја израдува македонската јавност во период кога подемот на ракометот во сите возрасни категории вклучувајќи ја и А селекцијата се движи наназад. Македонските кадети, и покрај сите проблеми кои ги имаа во подготвителниот период ги направија посилни, сплотени, мотивирани да покажат дека вредат и дека можат повеќе од почитта која ја добија од „административците“.

Ниту кетеринг сендвичите, ниту сместувањето по станови, ниту проблемите со превозот не ги попречија. Се враќаат од Хрватска со силно крената глава, со чартер, горди на тоа што го прикажаа во Риека и Копривница.

Одиграа турнир за паметење, играа „еден за друг“, со жар, агилност и тимски дух кој посакуваме да го гледаме кај сите останати репрезентации. Помина долг период откако не сме се почуствувале достоинствени и во поразите. Она што го направија селекторот Радослав Стојановиќ, заедно со Бранислав Ангеловски и Наум Танески особено во одбраната на кадетска Македонија покажа дека „толку ни е силата“ важи само за оние без визија и верба. Македонија не играше “норвешки”, ама се држеше рамо до рамо со Норвешка.

Бројките говорат повеќе од зборовите, само Унгарија (онаа истата која Македонија ја совлада во борба за пласман) имаше подобра одбрана од Македонија. Македонските ракометари загубија само три полувремиња (две од Данска и едно од Норвешка) и во ниту еден момент не беа надиграни или пак се предадоа. Првиот дуел со Норвешка беше патоказ дека ќе гледаме една поинаква, мотивирана, бестрашна Македонија, која е гладна за докажување, за успеси, за победи.

Во оваа селекција немаше нов Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Борко Ристовски… немаше ѕвезди, немаше его, не видов брусени или небрусени бисери и дијаманти… Имаше колектив од квалитетни млади ракометари, можеби поголем дел од нив нема да ги видиме во повозрасните селекции, но тоа што го покажаа на терените во Хрватска ќе остане запаметено и незаборавено. Сите покажаа како треба да се гради односот кон националниот дрес, како да се искористи мотивот и времето кое секој од селектираните треба да го валоризира.

Деветтата репрезентација во свет кон својот пласман газеше само по европски селекции. Пораз од Норвешка и Данска, и победи против Црна Гора, Грузија, Австрија, Унгарија и Чешка. Европскиот пат кој го мина на овој Мундијал е куриозитет сам по себе, бидејќи Македонија секогаш имала проблем со европски селекции на светските првенства.

Токму во Хрватска на едно друго Светско во 2009 година, сениорите ја најавија новата ракометна ера со победите над Русија и тогаш моќната Полска. Останатото е историја. Да се надеваме дека ова ќе биде почеток на нова…