Ракометарките на Скопје на свој терен славеа над Деспина со 31:30 во натпревар од 20. коло во Женската лига.
Скопје со новите освоени бодови останува во игра за 6. позиција на табелата, моментално се наоѓа на 8. позиција со 26 бодови, додека прилепчанки засега остануваат на деветтото место со 19 бодови на свое конто.
Составот предводен од Радуловиќ и Будимир иако во најголемиот дел од натпреварот беше во предност, на полувреме имаше плус седум, 20:13, сепак направи од готово-вересија, дозволувајќи гостинот да се надева на нерешено.
Освен изедначената игра во воведниот дел, се останато мина во знакот на домашниот тим. Вистинска бркотница на теренот настана во последните десет минути кога гостинскиот тим најави камбек.
По предноста на Скопје од 30:25, гостинките намалија на 30:29 и го направија натпреварот неизвесен. Тимот на Скопје последниот гол на дуелот го постигна во 55 минута, гостинките на дваесетина секунди пред финишот се доближија на минус еден, 31:30, но Скопје паметно ги искористи последните петнаесетина секунди за осма сезонска победа.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Деспина, искусната Мери Гичева, која постигна 13 погодоци. Во победничката екипа се истакна Наталија Максимовска со осум погодоци, шест имаше Росана Павлова.