Џабе 13 гола на Дука за Работнички, Михајловиќ го водеше Младост до триумф

Ракометарите на Младост славеа во интересен натпревар на тешкото гостување во Скопје кај Работнички со 28-32, а на полувремето водеа со 16-18.

На почетокот на мечот домашните имаа свои моменти, најчесто водеа со еден или два гола разлика, но како одминуваше времето така Младост ја преземаше контролата на теренот и во финишот на првиот дел поведе и со плус три, 15-18, но пред паузата домашните реализираа.

Во второто полувреме избраниците на Никола Димовски се обидуваа да се вратат во игра и во еден момент намалија на 21-22. Сепак богданчани помогнати од искусните Роглев, Караиванов, Стоилов и Паунков, а предводени од Михајловиќ стигнаа до плус четири, 21-25 и до крајот не го испуштија ова водство за три бода од Скопје.

Најдобар стрелец кај Младост беше Саше Михајловиќ со десет гола, а осум додаде Митко Караиванов. Во составот на Работнички расположен за игра беше десниот бек Ѓорѓи Дука, кој стрелаше 13 пати, но тоа не вреди ништо бидејќи неговиот тим остана без бодови.