Ќе ги тренира голманите на Кил, Иштад и Германија во исто време

Тренерот на голманите на репрезентацијата на Германија и на екипата на Кил, еден од најдобрите „чувари на мрежата“ кои ги имала Шведска, Матијас Андерсон добива и трета задача истовремено. Ќе биде интересно да се види како ќе успее да стигне секаде, но тој е назначен и за тренер на Иштад.

Андерсон беше поставен на тренерското место во следните две години, а информацијата беше објавена од страна на клубот од Шведска.

„Мојата играчка кариера почна тука со седум години и затоа одлучив тука да продолжам со тренерската работа. Можеме да ја прошириме соработката и затоа го прифатив новиот предизвик. Драго ми е што ќе продолжам со соработката со овој клуб бидејќи во него играат ракомет и моите деца“, коментираше Андерсон.

Ова е интересна ситуација, па останува да се види дали ќе остане и во Кил истовремено или ќе дојде до раскин на договорот.