Јохансон останува на кормилото на Холандија до 2026!

Ракометната федерација на Холандија одлучи да ја продолжи соработката со селекторот на женската репрезентација Пер Јохансон. Швеѓанецот иако на Европското првенство 2022 не ги оствари зацртаните цели со неговите избранички, сепак, доби нова доверба од холандската куќа на ракометот.

Јохансон на кормилото на некогашниот светски шампион ќе остане најмалку до 2026 година. Поранешниот тренер на Ростов Дон ги предводи ,,лалињата” веќе една година и на континенталниот собир минатата година го имаше деби настапот како селектор на холандската репрезентација.

Искусниот тренер во својата репрезентативна кариера беше селектор и на женските репрезентации на Црна Гора и Шведска, додека на клупско ниво беше предводник на Ростов Дон ЧСМ Букурешт.

За потсетување, ракометарките на Холандија на Европското првенство 2022, на кое Скопје беше еден од домаќините, беа во група со Македонија, Франција и Романија.

Холанѓанките успеаја да се пласираат во главната фаза, но во конкуренција со Германија, Шпанија и Црна Гора, не стигнаа до најдобрите четири репрезентации.

Холандија на Светското првенство во 2019 го освои златото, во 2017 беше трета репрезентација на светот и во 2015 година играше финале на Мундијалот. Од Европските првенства има сребрен медал од 2016 и бронза од 2018 година.