Јанкуловска и Ризоска комбинираа 17 гола, Ѓорче Петров го освои Штип

Македонскиот шампион Ѓорче Петров ја продолжува победничката низа во оваа сезона, откако славеше на гостувањето кај Астибо во Штип со убедливи 39-23.

Предводен од Марија Јанкуловска и Емилијана Ризоска, првакот имаше успешна проверка пред европските настапи следните викенд.

Домашниот тим парираше во првите петнаесетина минути кога беше 9-9. Потоа гостинките ја наметнаа својата игра, домаќинките најчесто се обидуваа преку Анчева, која не можеше се сама и на пауза се замина со водство на Ѓорче Петров, 21-12.

Второто полувреме беше само формалност и рутинско одработување на задачата од страна на избраничките на Симе Симовски.

Најдобри стрелци во Ѓорче Петров беа Марија Јанкуловска со девет и Емилијана Ризоска со осум погодоци, додека кај Астибо стандардно најдобра беше Марија Анчева со десет гола, додека Анита Атанасова само во вториот дел постигна седум погодоци.