Јанеска игра во одлична форма, повторно беше најефикасна во Коњалти

Репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, игра во одлична форма во турскиот шампионат и со седум погодоци беше предводник во убедливата победа на Коњалти против Араќ, 38:25.

Јанеска освен што постигна седум погодоци, подели неколку асистенции кон нејзините соиграчки и одигра на солидно ниво во одбраната. Своја поддршка имаше од репрезентативката на Црна Гора, Сања Премовиќ, која беше втор стрелец во победничката екипа со шест погодоци.

Во листата на стрелци кај Коњалти се запиша и поранешната ракометарка на Вардар и Металург, Ивана Гакидова. Кружниот напаѓач од Македонија постигна еден гол, но одигра голема улога во одбраната на својот тим.

Коњалти со новите освоени бодови останува во игра за првото место на табелата. Моментално, лидер во турскиот шампионат е Кастамону со 28 бодови, додека на втората позиција е Јаликавак, кој има два бода помалку (26). Тимот на Јанеска и Гакидова со 25 освоени бодови се наоѓа на третото место.