Јагањац: Ќе ми беше криво да не отидев во ПСЖ, ама во Металург – „експлодирав“!

Репрезентативецот на Хрватска, Халил Јагањац еден период од кариерата настапуваше во Металург, а пред да пристигне во тогашниот тим на Лино Червар имаше кратка авантура во ПСЖ.

Во интервју за хрватскиот „24 сата“, Јагањац говореше за моментите поминати во Скопје и најтешката повреда која ја имаше во својата кариера. Хрватот во Металург го доживеа својот најголем развој, но потоа во кариерата имаше тешка повреда на главата.

„Првата година во Париз не изгубив ништо, отидов како многу млад и после таа сезона влегов во репрезентацијата кај Лино. Пристигнав во Металург и таму експлодирав. Да не го изберев ПСЖ можеби ќе ми беше криво. Мислам дека ракометниот пат ме изгради како човек, мојот пат за мене е идеалниот пат“, рече Халил Јагањац.

Јагањац најтешката повреда ја доживеа на натпревар против Вардар кога при еден судар со Доменек Сикошек Пелко заработи скршеница на челната коска. Како што вели целосно е закрепнат, а единствен спомен од повредата ќе му остане вградената мрежа на челото.

„Се случи тоа против Вардар, со нивниот пивот Сикошек Пелко скокнавме по една топка и тој ме погоди со лактот во чело. Ми пукна челната коска, беше тоа страшен удар. Велат дека е потребна сила од два тона за да пукне таа коска. Два дена потоа бев на операција, ми ставија мрежа на челото а операцијата беше изведена преку темето за да не ми остане лузна на челото. Брзо се вратив на терените и можам да кажам дека повредата не остави траг врз мене“, заврши Јагањац.