Ѕвездите на ПСЖ се откажаа од високите бонуси за титулата во Франција

Ракометната федерација на Франција ја прекина сезоната, одлучи да стави крај на првенството и да прогласи шампиони. ПСЖ стана шампион, а тоа значи дека на ѕвездите во тимот им следуваат високите бонуси за освената титула според договорите.

Сепак целиот колектив одлучи да се откаже од бонусите како би помогнале на клубот полесно да ја преброди кризата предизвникана од коронавирусот. Иако ПСЖ е најбогатиот клуб во Европа и тој претрпе огромни загуби заради пандемијата.

Како што објави Л’екип, сите играчи решиле да се откажат од шампионскиот бонус. Според весникот сумата која требало да ја добие секој играч е во износ од 10.000 евра. Со оваа одлука ракометарите на ПСЖ кои се предводени од Раул Гонзалес се приклучија на многу други ракометари во клубовите низ Европа кои се откажуваат од средствата кои требаше да ги добијат како бонус или плати.