Ѓорче Петров без милост за Астибо – му даде 44 гола!

Ракометарките на Ѓорче Петров во натпревар од 3. коло од Женската лига остварија убедлива победа против составот на Астибо со 44:9 (24:5).

Гостинките од Штип парираа само пет-шест минути и во останатиот дел од дуелот македонскиот шампион искористувајќи ја секоја грешка на противникот стигнуваше до лесни погодоци.

Избраничките на Симе Симовски при резултат од 7:4 направија серија од 13:0, се одлепија на 20:4 и веќе во тој момент ги запишаа новите три бода. Првото полувреме заврши со 19 гола разлика за Ѓорче Петров, 24:5.

Со оглед на ситуацијата на терен и квалитетот меѓу двете екипи, јасно беше дека нема да има никаква промена ниту во второто полувреме. Домашната екипа во вторите 30 минути успеа да постигне уште 20 гола, додека во својата мрежа прими само четири гола.

Најефикасни во победничката екипа беа Марија Јанкуловска со девет, како и Емилијана Ризоска и Ана Марија Коларовска, кои постигнаа по осум гола. Во екипата на Астибо само три ракометарки се запишаа во листата на стрелци, а најефикасна беше Марија Анчева со четири гола.