Ѓорче Петров останува непобедлив, го доби дербито против Вардар

Во дерби дуелот од 2. коло од плеј-оф фазата во Женската лига меѓу екипите на Ѓорче Петров и Вардар, победа остварија избраничките на Симе Симовски, кои против ,,црвено-црните” триумфираа со 29:26.

Актуелниот шампион на Македонија во првиот дел имаше целосна контрола на резултатот. По израмнетиот почеток од 2:2, односно водството на Вардар од 3:2, домаќинките со неколку мини серии започнаа постепено да создаваат резултатска предност, која во еден дел изнесуваше максимални ,,плус четири” 8:4.

Ракометарките на Царчев го пуштија првото полувреме да си тече според планот на домашниот тим, кој поради солидната разлика играше полесно и имаше поголема психолошка предност. Ѓорче Петров на полувреме замина со активен резултат од 17:13.

Домашниот тим до 55 минута беше во водство и откако имаше три гола позитива, 24:21, упорните гостинки со серија од 3:0 се изборија за егал, израмнувајќи на 24:24. Следуваше период, во кој тимот на Ѓорче Петров одржуваше еден до два гола позитива и никако не оставаше Вардар повторно да дојде до камбек.

Ракометарките на Вардар даваа се од себе да се изборат за реми, но грешките во клучните моменти беа пресудни за минималниот пораз од лидерот во плеј-офот.

Најефикасна во Ѓорче Петров беше Теодора Дукоска со осум погодоци. Кај Вардар одлична партија одигра Сара Стефановска, постигна 11 погодоци и запиша неколку асистенции кон своите колешки.