Ѓорче Петров броеше до 52 против Кузман Вардар

Ракометарките на Ѓорче Петров по успешниот настап во второто квалификациско коло од Европскиот Куп, се вратија на обврските од домашниот шампионат и во натпревар од 6. коло од Женската лига славеа убедливо против Кузман Вардар со резултат 52:12.

Избраничките на Симе Симовски одиграа фуриозен натпревар и веќе во воведниот дел дојдоа до водство од 10:0, потоа од минута во минута ја зголемуваа предноста и на пауза домаќинот замина со убедливи плус 22 гола разлика, 30:8.

Иако победата беше обезбедена уште во првото полувреме, ракометарките на Ѓорче Петров продолжија да го полнат голот на гостинот и во вториот дел. Убедливиот пораз на Кузман Вардар беше неизбежен, со оглед на квалитетот и ростерот на двете екипи.

Домашниот тим во второто полувреме постигна уште 22 гола, а во својата мрежа прими само четири погодоци за конечни 40 гола разлика, 52:12.

Анастасија Трпеска, Марија Јанкуловска, Симона Василева и Анастасија Николовска беа најефикасни во таборот на Ѓорче Петров со по седум погодоци. Во екипата на Кузман Вардар се истакнаа Нина Милевска и Елеонора Додевска со четири реализации.

Во следното, седмо коло, составот на Ѓорче Петров ќе гостува кај Стружанка, додека Кузман Вардар на свој терен ќе го пречека Металург.