Ѓорче Петров беше сигурен на гостувањето кај Овче Поле СУ

Ракометарките на Ѓорче Петров во натпревар од 7. коло од Женската лига на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле Славјански Универзитет обезбедија лесна победа, која што беше изразена со 17 гола разлика, 39:22.

Домашната екипа на Илија Бетувски успеа да парира до 15 минута од дуелот и во останатиот период не можеше да направи нешто повеќе против поискусниот противник, кој речиси секоја грешка на домаќинот ја казнуваше со погодок.

Ѓорче Петров го стартуваше натпреварот со водство од 3:1, потоа имаше 7:4, а кон средината на првиот дел дојде до дотогаш највисоките „плус 5“ и водство 10:5. Ракометарките на Симе Симовски се опуштија во еден момент и при водство од 12:8 им дозволија на домаќинките на намалат на 12:10.

Во последниот дел од првото полувреме Ѓорче Петров знаеше како да одигра против одбраната на домаќинките, кои не можеа да се носат против разиграните гостинки. Гостинскиот состав со погодоците на Николовска, Јанкуловска и Дамјановска на пауза замина со предност од 17:12.

Второто полувреме донесе поубедлива игра од страна на актуелниот шампион на Македонија. Составот на Симовски започна да оди на двоцифрена разлика, зголеми на 26:16 и останатиот дел од вторите 30 минути беше само формалност, во која домаќинките не успеаја да го ублажат поразот.

Најефикасни во победничката екипа беа Анастасија Николовска и Марија Јанкуловска со по седум гола. Во поразениот табор се истакнаа Марија Галевска со седум и Елена Вучевска со пет гола.