ЃОРЧЕ КУП 2021: Вардар лесно со Деспина, закажа финале против домаќинот

Екипата на Вардар ќе игра во финалето на „Ѓорче Петров Куп“, откако славеше убедлива победа над Деспина со високи 30:18.

Вардарки уште од самиот почеток ја диктираа ситуацијата на терен. Избраничките на Драгана Ристова по петнаесетина минути игра имаа солидна предност од 6:2.

Деспина никако не можеше да се справи со брзиот ритам на противникот и до крајот на првото полувреме немаше многу сили за спротиставување. Во текот на 20. минута резултатот беше 7:4 за составот на Вардар.

Во останатите десет минути од првиот дел, Вардар само ја потврди добрата форма и не му дозволи на својот противник никаква надеж за евентуален кам-бек. На полувреме вардаровиот тим замина со предност од осум гола разлика, 14:6.

Второто полувреме беше само формалност и вицешампионките на Македонија постепено ја зголемуваа својата предност. Во 40. минута, Вардар водеше со плус десет разлика, 19:9.

Во преостанатиот дел немаше поголема промена на теренот. Вардар покажа апсолутна доминација и заслужено патува во утрешното финале каде за противник ќе ја има домашната екипа на Ѓорче Петров.

Најефикасни во составот на Вардар беа Златица Васевска со седум и Сара Миновска со шест гола. Тамара Седлоска со пет и Ева Рипилоска со четири гола беа најефикасни во прилепскиот состав.

Финалето помеѓу Ѓорче Петров и Вардар ќе се одигра со почеток од 21 часот на отвореното игралиште „Камин Кама“.

Претходно, за третото место ќе играат Јагодина и репрезентацијата на Чиле, додека за петото место силите ќе ги одмерат екипите на Деспина и Бор.