Ѓорговски: Спортот не прифаќа предавање, така треба да се однесува секој репрезентативец

Еден од дебитантите во сениорската репрезентација на Македонија е Емилијан Ѓорговски, ракометар на суперлигашот Голден Арт КЛ7. Левиот бек од скопскиот клуб се најде на списокот од 23 ракометари на селекторот Кире Лазаров за престојните дуели против Данска во рамките на квалификациите за Европското првенство 2022 година.

Младиот стружанец, во краткиот разговор за 24Ракомет открива дека веста за повикот била изненадување за него и дека не ја очекувал. Добрите настапи за младинските селекции на Македонија беа мотив плус за напорна работа на младиот ракометар.

„Да бидам искрен, пријатно бев изненаден и среќен, имајќи предвид дека сон за секој играч кој се занимава со било каков спорт е настап во националниот тим. Од друга страна, внесувањето на повеќе млади играчи е добро за што подобра адаптација на што повеќе млади играчи во перспектива за продолжување на настапите на националниот тим на големите натпреварувања. Немав очекувања за повик, но секако еден ден се надевав дека ќе се најдам во составот на сениорите бидејќи неколку години сум дел од младинските селекции на репрезентацијата на Македонија. Имам позитивна трема, мислам дека тоа е нормално иако во моментов сум фокусиран на настапите на мојот клуб. Вообичаено и кога настапувам за мојот клуб немам трема, но ова е нешто сосема различно, во друштво со најдоброто од ракометот во нашата земја. Очекувам да се вклопам во системот на селекторот, а ако добијам шанса ќе направам се да ја искористам. Оваа можност да тренирам со најдобрите во секој случај ќе биде позитивно искуство за мене од секој аспект, голем мотив да продолжам посветено да работам и да се надоградувам. Физички и ментално се чуствувам подготвен и ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата што ми е дадена”, рече Ѓорговски за 24Ракомет.

Македонија ја чека двомеч со Данска, а Ѓорговски вели дека натпреварите против светскиот првак треба добро да се искористат за клучните дуели против Финска и Швајцарија, кои се на програмата на  почетокот на мај.

„Данска е фаворит и тоа е факт, но спортот не прифаќа предавање и така треба да се однесува секој спортист, особено кога се работи за репрезентативец. Немам комплекс кога играм со било кој, така ќе биде и во иднина, без разлика на противникот. Натпреварите против Данска треба да ги искористиме за што подобро да се подготви нашата репрезентација за клучните натпревари во мај”, продолжи Ѓорговски.

Тој е дел од плејадата на млади ракометари кои ги очекува перспективна иднина. Левиот бек на КЛ7 имаше одлични партии на клупско ниво, причина поради која доби и повик за сениорскиот собир.

Во продолжението од сезоната, Ѓорговски и неговиот клуб продолжуваат во плеј-аут борбата, иако имаа шанси да играат во плеј-оф натпреварите во Супер лигата.

„Нашиот клуб е млад, со голем потенцијал, но со скромно искуство во најсилната лига. За мене лично беше напорно бидејќи до минатата година настапував за младинските категории со КЛ7 Струга. Иако ни се даде можност да се пласираме во плеј-оф натпреварувањето, за жал не ја искористивме можноста. Тоа ќе беше одлично искуство за сите нас, но да бидеме реални, одигравме солидно во деби сезоната на клубот и ќе дадеме се од себе да го задржиме статусот на суперлигаш”, заврши Ѓорговски.