Шумуликоски ги предупреди Чесите: 7.000 Македонци нема да се штедат!

Македонија и Чешка утре го играат реванш натпреварот во баражот за Светското првенство, после ремито во Злин (24:24) и двете репрезентации веруваат дека можат да се пласираат на Светското првенство.

Билетите за натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ се распродадени, па така македонската репрезентација ќе има максимална поддршка од трибините. Предупредување до Чесите испрати поранешниот македонски фудбалски репрезентативец, Величе Шумуликоски.

Шумуликоски подолго време живее во Чешка и работи како спортски директор во фудбалскиот клуб од оваа земја, Словачко.

„На трибините ќе има седум илјади луѓе кои нема да ги штедат своите гласни жици. Прашање ќе биде и колку судиите ќе можат да го издржат таквиот притисок. Балканскиот менталитет е таков, сите имаме вжештени глави, не сакаме да губиме, а тоа до некаде е и во ред затоа што не можете да играте на највисоко ниво без страст“.

Им порача Шумуликоски и дека сакаме да победуваме во сите спортови.

„Ние сме големи националисти во се што се игра, посебно кога во прашање се фудбалот и ракометот, тука е кошарката.“, изјави Шумуликовски за чешкиот портал iSport.cz.

Натпреварот помеѓу Македонија и Чешка утре се игра во терминот од 19:00 часот.