Штрлек: Не жалам за тогашната одлука, но сега тоа е завршена приказна

Ракометарот кој пред почетокот на подготовките за Европското првенство во јануари одби да игра за репрезентацијата на Хрватска, Мануел Штрлек потоа се премисли и одлучи да се врати во националниот тим.

Штрлек кризата со коронавирусот го фати во Унгарија додека беше со својот тим Веспрем и таму останува со своето семејство додека не се средат работите. Недоразбирањата со ракометната федерација на Хрватска се минато и барем тоа е позитивна работа во овие моменти.

„Премногу се зборуваше и пишуваше без покритие, имаше сензационални наслови во медиумите. Не сакам сега да се враќам на тоа, но сето тоа доби несакана и непотребна драматична димензија. Одлучив да прескокнам едно големо натпреварување, а од тоа излезе нешто што никој не го посакуваше. Имаше погрешни зборови, сешто…Не жалам за тогашната одлука, стојам зад неа но сега тоа е завршена приказна“, рече Штрлек.

Како што вели левото крило не му било лесно за време на првенството и сега му паднал камен од срцето.

„Не бев на Европското првенство, но сега ќе се вратам доколку бидам потребен. За време на ЕП со мислите бев со момците. Се радував на секоја победа, на секој гол како да бев со нив. Момците беа совршени испишаа нова приказна. Само финалето да се завршеше на друг начин. Верувам дека ќе има уште такви можности“, коментираше Штрлек.