Што им треба на пелистерци за прво место – сите комбинации пред СЕХА двобојот со Нексе

Тимот на Еурофарм Пелистер денеска ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза во дивизијата „Југ“ од регионалната СЕХА лига. Во Битола гостува Нексе Нашице во некомплетен состав, а пелистерци имаат шанса да се искачат и на првото место во групата.

Доколку битолчани слават над Нексе Нашице, сите екипи ќе имаат по шест бода и ќе решава гол разликата на крајот.

За да биде прв во групата, на Еурофарм Пелистер му треба победа од шест гола разлика. Може да биде прво место и ако слави со пет гола, но мора да постигне најмалку 37 голови.

Ако победи со пет (а притоа не постигне најмалку 37 гола) или со четири гола разлика ќе биде второ место, а секоја помала победа (или реми или пораз) ќе го остави македонскиот тим на третото место во групата.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе Нашице се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.

Табела, група А, СЕХА лига:

  1. Нексе 6 (3) 90:87 (+3)
  2. Војводина 6 (4) 116:115 (+1)
  3. Еурофарм Пелистер 3 (3) 79:83 (-4)

Во групата Б, каде што се Вардар, Татран Прешов и Партизан, сите опции се отворени и ќе се чека 27 март за конечната разврска.