Шпанија ја остави Словачка на нула во Евро Купот

Репрезентацијата на Шпанија ја совлада Словачка со 27:21 и го остави домаќинот на следното Европско првенство на последното место со шест порази во Евро Купот каде што уште се натпреваруваат и Хрватска и Унгарија.

Шпанците после слабиот почеток на мечот, во продолжението немаа многу проблеми да стигнат до победата. Словачка имаше добро отварање и почетно водство од 0:2 и 3:5, а сè до 20. минута успешно ја одржуваа предноста. Од тогаш Шпанија го презема водството и на полувреме замина со предност од 13:10.

На почетокот на вториот дел Словачка се закани и намали на минус еден, но Шпанија имаше одговор и со серија од 5:0 се одлепи на недистижно водство и веќе победникот беше познат. До крај одиграа рутински за сигурен и убедлив триумф.

Најефикасни во победничкиот тим беа Валеро Ривера и Гедеон Гвардиола со по пет погодоци, а сите други играчи во тимот на Шпанија се запишаа во листата на стрелци. Во тимот на Словачка се истакна Доминик Калафут со седум гола.