Шоштариќ му донесе реми на ПИК Сегед против Нант

Екипите на ПИК Сегед и Нант во последното коло од групната фаза од Лигата на шампионите одиграа без победник, 28:28. Овој натпревар за двете екипи немаше никакво резултатско значење бидејќи уште од поодамна имаа обезбедено пласман во осминафиналето во најквалитетното европско натпреварување.

Во првиот дел ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Екипата на Нант на двапати имаше ,,плус два” во првиот дел, тоа беше на стартот и на крајот од полувремето.

Францускиот тим стартуваше со 2:0, домаќините бргу израмнија на 2:2 и следуваше период, во кој двата табора наизменично се менуваа во водство и резултатот најчесто беше нерешен. Првото полувреме беше патоказ за вториот дел дека само нијанси ќе одлучат каков ќе биде исходот од денешниот дуел.

По нерешените 13:13, гостите со двата погодоци на словенечкиот репрезентативец Овничек се одлепија на 15:13 и со минимално водство од два гола разлика заминаа на пауза.

Нант во продолжението ја подобри играта и започна да гради поголема предност. Во еден момент дојде до 16:13 и овие три гола разлика ги одржуваше се до 45 минута. Домаќинот губеше со 24:21, но во последниот дел се врати во игра и израмни на 24:24.

Последните десет минути минаа во голема борба и секој напад беше одлучувачки. Нерешено беше на минута пред крајот, 27:27, додека Нант со гол во последната минута поведе со 28:27. За домаќинот останаа уште дваесетина секунди, во кои десното крило Шоштариќ успеа да реализира и да ги постави конечните 28:28.

Најефикасен во ПИК Сегед беше Миклош Роста со седум погодоци. Кај Нант се истакна Педро Портела со пет погодоци.