Шола ќе го води Пекинг СУ и во следната сезона

Дебитантот во СЕХА лигата, Пекинг СУ ќе игра и во следната сезона во регионалното натпреварување, а на клупата и во новата сезона треба да биде прославениот голман од Хрватска, Владо Шола.

Тој во моментов се подготвува за новата сезона и вели дека со нетрпение очекува да се стиши целата ситуација со коронавирусот за да може да се врати на терен и да почне со работа. Убеден е дека ќе биде добро и дека во новата сезона може да имаат далеку подобри игри.

„Кинезите беа воодушевени, не само од СЕХА лигата туку и од Хрватска. Ни требаше доста долго време за да успееме заедно да го фатиме ритамот. За нив сето ова беше ново, но полека успеаја сè да совладаат“, вели Шола.

Тој вели дека планира да оди во Кина за да може да одбере и некои нови ракометари.

„Ако сè биде в ред со госпоѓата корона во Кина и кај нас тогаш тие би требало да се вратат во Хрватска во август за да почнеме со подготовките за новата сезона. Пред тоа планирам да одам во Кина да погледнам неколку натпревари и да одберам некои нови ракометари“, вели Владо Шола кој има договор на две години.

Доколку бидат задоволни од неговата работа лесно може овој договор да биде и продолжен така што постои можност Шола подолго да остане на клупата на Пекинг СУ.