Школите на КЛ 7 остануваат кај Лазаров, а клубот продолжува со своите тимови

Екипата на КЛ 7 годинава се натпреваруваше во сите категории. Со младинската и пионерската екипа успеа да дојде до Ф4 турнирот.

Разделбата меѓу екипата на ГА КЛ 7 и Кирил Лазаров, кој е дел од сопственичката структура е веќе и официјално објавена, но до моментот додека нема нов сопственик на делот на акциите во тимот кои ги поседува селекторот на Македонија таа уште не е завршена. И при „разводот“ ќе треба да се одреди кој со што ќе располага во иднина.

Сепак, има еден интересен момент околу тоа чии се школите кои ги имаше ГА КЛ 7, а за овој дел објаснува Горан Ѓоргоноски кој е од почетокот уште во формирањето на школите низ градовите во Македонија. Неколку стотина деца од повеќе градови беа дел од тие школи.

„Школите не беа почнати од клубот туку тие својот почеток го имаа со КМГ и Кирил Лазаров. Затоа водењето на школите останува под Лазаров и што и како ќе се случува понатаму ќе зависи од него. Тоа беше убав проект кој досега го работевме одлично. Се работеше во голем број на градови имавме дваесетина тренери кои работеа со младите ракометари. Оваа школа издржа во време кога имаше големи протоколи, во најтешкиот период на пандемијата како ретко која друга школа во Македонија“, вели Горан Ѓоргоноски.

Сепак, во иднина тој нема да има никаква улога или допирни точки со водењето на истата школа.

„Во иднина нема да имаме ништо со оваа школа. Ние како клуб продолжуваме да работиме и планираме во иднина да имаме своја школа. Оваа моја идеја е поддржана и од клубот, но проблем е со инфраструктурата. Салите и термините се проблем, па останува во следниот период да видиме како ќе се одвива оваа идеја“, коментираше Ѓоргоноски.

Што се однесува до кампот кој секое лето беше во огранизација на Кирил Лазаров тој исто така не е поврзан со клубот. Практично клубот нема удел во неговото работење во Охрид така што и тој си останува под водство на Лазаров.

Инаку, екипата на КЛ 7 годинава се натпреваруваше во сите категории. Со младинската и пионерската екипа успеа да дојде до Ф4 турнирот.