Шеваљевиќ: Ми беше чест и задоволство што играв за Вардар, од лето се враќам во Франција

Репрезентативецот на Црна Гора, Васко Шеваљевиќ во пролетниот дел од сезоната го засили Вардар и му помогна на тимот да ја одбрани домашната титула во првенството и Купот на Македонија.

Сепак, искусниот ракометар денес го имаше последниот натпревар во вардаровиот дрес. Шеваљевиќ смета дека Вардар имаше тешка сезона, но истакнува дека барем зацртаните планови на екипата се остварени за оваа сезона.

„Кога би се обиделе да ја анализираме сезоната на Вардар во неколку реченици, тешко е. Многу работи се случуваа за краток период. Дојдов овде среќен бидејќи потпишав за еден клуб како што е Вардар и можам да кажам дека со гордост си заминувам. Мојот престој во Вардар траеше кратко, но сметам дека барем ги остваривме оние резултати кои беа зацртани, секако, можеше и подобро. Мене ми беше чест и големо задоволство што играв за Вардар”, изјави Шеваљевиќ за 24 Ракомет.

Црногорецот по кратката авантура во Вардар најверојатно ќе се врати во францускиот шампионат. Не сакаше да открива многу информации за неговиот нов клуб, но во наредниот период ќе се знае неговата нова дестинација.

„Најверојатно е дека ќе се вратам во Франција, на прагот сум да потпишам договор, но не можам да кажам за која екипа станува збор. Во следниот период ќе има и официјално известување од новиот клуб”, заврши Шеваљевиќ.