Шеваљевиќ: Вардар ми даде примамлива понуда – ем ќе играм ЛШ, ем ќе бидам близу до дома

Најново засилување за тимот на Вардар е капитенот на црногорската репрезентација Васко Шеваљевиќ. Левиот бек потпиша договор на една и пол година и веќе денеска ќе дојде во Скопје.

Шеваљевиќ би требало да го има дебито во „црвено-црниот“ дрес на 1 февруари на мечот со Нексе Нашице, а ќе биде на располагање и за дуелите од Лигата на шампионите.

„Се се случи во само неколку дена, никогаш не помислив дека ќе заминам од Франција. Од Вардар ми дадоа убава понуда, која беше привлечна и од спортски и од личен аспект. Ќе бидам влизу до дома, а секогаш имав желба да играм на Балканот. Голема е честа да се игра за клуб каков што е Вардар, кој е двократен европски шампион. Се радувам на играњето во ЛШ. Тоа ми е дополнителна мотивација и се надевам дека ќе допринесувам во екипата. Се надевам дека наскоро ќе се врати публиката во салите, а знам дека Вардар има едни од најдобрите и најжестоки навивачи во Европа“, вели Шеваљевиќ за црногорскиот портал МНЕ Рукомет.

Тој играше за Ловќен, Портланд Сан Антонио, Динамо Минск, па бундеслигашот Хановер, а последните пет и пол години ги мина во Франција, во Тулуз, Трембле и Истр.