Шведска ја совлада Хрватска и ќе игра за петто место на ЕП!

Репрезентацијата на Шведска во последното, 3. коло од главната фаза на Европското првенство одигра рутински против Хрватска триумфирајќи, со резултат 31:27. Шведска со победата против Хрватска ја обезбеди третата позиција во првата група и ќе игра за петто место на Европското првенство, а нејзин ривал ќе биде селекцијата на Холандија или Шпанија.

Ракометарките на Ненад Шоштариќ беа рамноправни до средината на првото полувреме кога одржуваа ритам со разиграните ракометарки на Шведска, кои од 15 минута, па сѐ до крајот на првиот дел го демонстрираа својот квалитет. По нерешените 6:6 во воведните 10 минути, следуваше серија од 4:0 на скандинавската селекција за 10:6. Во тој момент беше скршен отпорот на ,,коцкестите” и беше извесно дека Шведска рутински ќе ја одработи денешната, последна задача во главната фаза на континенталниот собир.

Шведска од минута во минута започна да создава голема резултатска предност, имаше и највисоко водство од девет гола разлика, 17:8, a Хрватска со серија од 3:0 успеа да ја преполови разликата и на полувреме замина со негатива од 17:11.

Хрватска во вториот дел немаше доволно искуство за да им се спротистави на ракометарките на Шведска и на почетокот како да крена раце во денешната борба. Вториот дел мина во рутинска контрола на Шведска, која иако не патува во полуфиналето, сепак, ќе се бори за петтото место на ЕП.

При водство на Шведска од 24:16, селекцијата на Хрватска успеа да фати приклучок, се доближи на 24:20, но поискусните ракометарки на Шведска не дозволија целосен пресврт и го водеа натпреварот до сигурна победа.