Швајцарија пишува историја, за првпат ќе игра на ЕП!

Репрезентацијата на Швајцарија со остварената победа во квалификациите против Литванија од 34:18, обезбеди учество на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и Словенија.

За Швајцарија тоа ќе биде прво учество на големите натпреварувања бидејќи до сега немаа обезбедено настап на континенталните собири.

Патот до Европското првенство на Швајцарија изгледаше многу тежок, но со дисквалификацијата на Русија од страна на ЕХФ, ракометарките на Швајцарија се најдоа во многу поволна позиција во квалификациската група 1 и во најважниот натпревар одиграа максимално и убедливо до последната секунда.

Швајцарија им се придружува на Данска, Холандија, Полска и селекцијата на Франција, која исто така денес по победата над Хрватска од 27:19 го завери пласманот на Европското првенство.

Втора победа во квалификациите запиша Португалија, триумфираше против незгодната репрезентација на Словачка со 23:21, во натпревар од квалификациската група 5.

Со победата над Словачка, ракометарките на Португалија остануваат во игра за Европското првенство, но до самиот крај треба да бидат подобри во дуелите против Шпанија и Унгарија.

Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел заедно со репрезентацијата на Турција беа поразени од Исланд со 29:22. Исланд со новата победа се израмни на табелата со Србија во квалификациската група 6.

Двете репрезентации имаат по четири бодови од четири одиграни натпревари, додека лидер во групата е Шведска со шест бодови. Битката за второто место кое води на Европското првенство ќе се води во последните две кола. Во игра за второто место се репрезентациите на Србија и Исланд.