, Croatia vs Switzerland, EHF 2022 Women's Euro - Slovenia, North Macedonia, Montenegro, Ljubljana, Slovenia, 08/11/2022, Mandatory Credit © Jure Erzen / kolektiff

Швајцарија до сензационално реми, но Хрватска оди во главната рунда на ЕП

Репрезентациите на Хрватска и Швајцарија на Европското првенство одиграа неизвесен натпревар, кој заврши без победник, 26:26. Хрватска со освоениот бод патува во главната фаза на континенталниот собир, бидејќи на свое конто има и победа против селекцијата на Унгарија, која во терминот од 20:30 часот ќе игра со актуелниот бранител на титулата Норвешка. Швајцарија со два порази и едно реми го завршува настапот на првото големо натпреварување.

Првото полувреме мина во знакот на избраничките на Ненад Шоштариќ, кои што од средината на првото полувреме, па се до паузата одржуваа резултатска предност од два гола разлика. Во воведните десет минути се играше изедначено, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство, па така резултатот најчесто беше нерешен.

Швајцарија во три наврати во првите 30 минути беше во предност, водеше со 2:1, 3:2 и 4:3. Следуваше период во кој ракометарките на Хрватска предводени од Посавец и Јапунџа беа подоминантни во дуелот против дебитантот. По нерешените 5:5, следуваа два гола во низа на ,,коцкестите” и водство од ,,плус два” 7:5. Хрватска овие два гола разлика успеа да ги сочува до крајот на првото полувреме.

Швајцарија во 20 минути се врати во игра и израмни на 10:10, откако претходно Хрватска имаше резултатска предност од 10:8, но не успеа да се избори за поволен резултат. Хрватска бргу ја врати предноста од два гола разлика и на полувреме замина со активен резултат од 14:12.

Составот на Шоштариќ за десет минути игра во вториот дел стигна до 18:15 и до 55 минута имаше целосна контрола на резултатот. Сепак, хрватките премногу се опуштија во финишот и дозволија Швајцарија да направи пресврт. Откако Хрватска водеше со 23:20, следуваше серија од 4:0 на Швајцарија која го презеде водството и поведе со 24:23.

Репрезентацијата на Хрватска преку Крсник израмни на 24:24 и до крајот се играше во егал. Швајцарија можеше многу лесно да обезбеди победа и пласман во главната фаза, но пропушти историска шанса. Дебитантот на речиси триесетина секунди имаше водство од 26:25 и напад за два гола разлика и во последниот напад не успеа да дојде до реализација, откако Пијевиќ го одбрани ударот на Кар, а потоа Павловиќ со удар од девет метри во последната секунда и донесе големо реми на Хрватска и пласман меѓу 12-те најдобри репрезентации на светот.

Најефикасни во составот на Хрватска беа Теа Јапунџа со шест и Катарина Павловиќ со пет погодоци. Кај Швајцарија се истакна Миа Еменегер со седум реализации.