„Шансите на Вардар и Загреб се еднакви, ништо нема да биде решено во Скопје“

Ракометарите на Вардар ги очекува четвртфиналиот двомеч во регионалната СЕХА лига против хрватскиот првак Загреб.

Тренерот на „плинарите“, Ивица Обрван, вели дека времето на одигрување не е баш најпогодно и за двете екипи.

„И ние и Вардар сме во иста ситуација, имаме многу нови ракометари и не сме на вистинското ниво. Натпреварите со Вардар е многу важна, не беа предвидени да бидат пред новата сезона и ни го пореметија планот, бидејќи во нормална ситуација веќе ќе се знаеше кој оди на Ф4. Ние сепак добро одработивме на подготовките и на турнирот во Добој. Ривалите не беа можеби со адекватен квалитет, но ни помогнаа да ја кренеме самодовербата и нивото на формата. Се надевам дека на двомечот со Вардар ќе покажеме добра игра и ќе избориме Ф4“, вели Обрван.

Некогашниот македонски селектор не сака на неговите избраници да им создава притисок и да им ја додели фаворитската улога.

„Шансите се еднакви, резултатот од првиот меч во Скопје нема да гарантира ништо, освен ако не биде со висока разлика. Ќе се одлучува се на реваншот во Загреб. Имаме уште некој тренинг до заминувањето во Скопје и се надевам дека ќе го искористиме времето најдобро што можеме“, заврши Обрван.

Натпреварот меѓу Вардар и Загреб се игра в четврток на 26 август во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.