Чупиќ: Малку на карактер, малку на искуство, малку на среќа…

Вардар обезбеди ново финале во СЕХА лигата откако беше подобар од Загреб после изведувањето на пеналите со 30:29.

Уште еднаш вардарци одиграа тежок натпревар со многу проблеми, но сепак на крајот ја остварија целта пласман во финалето. Иван Чупиќ имаше свое видување за натпреварот.

„Генерално не одигравме добар натпревар ниту во одбрана ниту во напад, некаде до 40-45 минута не функционираше ништо. Последните 15 минути и 5-1 одбраната беше добра, Борко имаше 4-5 битни одбрани. Сите знаеме како е кога се игра полуфинале и водиш цел натпревар 5-6 разлика и ќе дозволиш противникот да дојде на минус 2 во послдните минути. Малку на карактер, малку на искуство, малку на среќа стигнавме до пеналите. Финалето е финале, знаеме каде е Веспрем, а каде е Вардар во овој момент. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра и да го подобриме она што не беше добро денес. Имаме многи проблеми, многу дупки во нашата игра, но резултатот е тука. Сигурно нема да излеземе против Веспрем со бело знаме, сакаме да го одиграме финалето, чесно и борбено. Тоа е еден натпревар сè е можно, но мора да бидеме свесни дека ова што го покажавме денес нема да биде доволно во финалето“, рече Иван Чупиќ по натпреварот.

Во недела во осмото финале во СЕХА лигата, Вардар ќе има многу тешка задача да стигне до нов трофеј бидејќи противник ќе му биде Веспрем кој беше подобар од Мешков Брест во првото полуфинале. Финалниот натпревар е на програмата во недела од 20:30 часот.