Чупиќ: Се навикнавме на беспарицата, но не се откажуваме од Вардар!

Лошата финансиска ситуација во европскиот шампион Вардар не е никаква новост. Европските медиуми веќе наголемо пишуваат за кризата, а десното крило Иван Чупиќ говореше за хрватскиот „Јутарњи“.

„Секако дека не е идеално, но за нас играњето без плата и не е никаква новост или нешто што ни се случува првпат. Семејството ми е в ред и тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој во училиште, некој игра ракомет. Се навикнавме на беспарицата. Се издржува.“, открива Чупиќ.

Хрватот откри дека имале состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко, но ништо конкретно не било договорено, иако до крајот на февруари многу работи треба да бидат познати.

„Ниту ние што останавме, ниту навивачите кои ги има во голем број не сме се откажале од Вардар, а сигурен сум дека тоа никогаш нема да се случи. Сѐ останато е висока политика во која не се разбирам. Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, кои ни кажаа многу повеќе работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, не знам. Но, како и да е, до крајот на сезоната сум тука, а мислам исто размислуваат и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо“, додаде Хрватот.

Вардар минатата седмица остана без Павел Атман и Даинис Кристопанс, но и покрај тоа Чупиќ и неговите соиграчи убедливо победија Мотор Запорожје.

„Моравме да го победиме Мотор, ќе беше глупаво со друг резултат да си го ризикувавме пласманот во вториот круг и да упропастиме сѐ. Имаме уште два меча во ЛШ, па доаѓа осминафинале каде што ќе видиме со кого ќе играме, Алборг или ПИК Сегед. Имаме и четвртфинале во СЕХА со Нексе, па, се надевам ќе играме на Ф4 и таму. Така што не ни недостасува работа. Играме осум до десет, но се снаоѓаме. Најавени се уште двајца ракометари, но искрено не знам како ќе биде тоа изводливо во оваа ситуација. Одиме од ден во ден, ќе видиме каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, ќе биде штета сѐ ова да згасне“, завршува Чупиќ.

Во следното коло Вардар ќе гостува кај португалскиот Порто, додека во последниот натпревар на домашен терен ќе се сретне со Монпелје.