Чувара: Понуда од двократниот европски првак Вардар – тоа беше позитивен шок

Нов ракометар на Вардар од следната сезона ќе биде полското репрезентативно лево крило Јан Чувара.

Тој потпиша договор на две сезони и ќе го облече „црвено-црниот“ дрес на лето. За полската „Спорт ТВП“, Чувара го коментираше трансферот во Вардар.

„Првата реакција? Изненадување, позитивен шок и голема возбуда. Пред да ја добијам понудата од Вардар, бев во ќорсокак, бидејќи немав конкретна понуда. Се договоривме со Вардар за само три дена. Договорот не можеше да се одбие“, вели Чувара.

Освен од Вардар, интерес за Полјакот имало и од Гумерсбах, но само македонскиот тим бил конкретен. Чувара го коментираше и конкурентот на позицијата, Тимур Дибиров.

„Дибиров е легенда на Вардар. Тој игра 18 сезони во Лигата на шампионите. Јас, од друга страна, треба постепено да се наметнувам против големите екипи. Вардар игра многу натпревари секоја сезона. Тука се СЕХА лигата, македонската лига и Лигата на шампионите. Вкупно тоа се околу 50 натпревари. Мислам дека ќе добијам шанса, и се надевам дека ќе можам да конкурирам за место во составот“, заврши Чувара.

Тој ќе биде вториот полски репрезентативец во составот на Вардар, откако Патрик Валчак го продолжи договорот на уште една сезона.