ЧСМ Букурешт пред распад!

Романскиот гигант ЧСМ Букурешт има големи финансиски проблеми и ситуацијата наскоро би можела да добие непосакувана насока. Според тамошни закони, утре, 25 март е последниот ден кога може да се исплати плата за февруари, а од претходно на ракометарките им се долгуваат дури три плати – за ноември, декември и јануари.

Тоа значи дека утре сите ракометарки ќе бидат слободни агенти и ќе можат да си заминат од романскиот клуб. „Проспорт“ пишува дека тоа ќе го сторат сите странски ракометарки, а нив ги има многу.

Тука спаѓаат и оние кои го продолжија договорот како Јелена Грубишиќ, Елизабет Омореги, Драгана Цвијиќ, а тука се и Норе Мерк, Андреа Лекиќ…Раководството на тимот побарало помош од градските власти, но нема да ја добие, а тешко е за верување дека во време на кризна состојба поради коронавирусот, ќе добијат помош и од некои спонзори.

Слична судбина би можела да го снајде и машкиот тим каде што настапува македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски.