ЧСМ Букурешт пак со огромен буџет, носи уште три светски ракометарки

Според романскиот портал „ГСП“, екипата на ЧСМ Букурешт, која не успеа да ја одбрани титулата во шампионатот на Романија, за следната сезона ќе има сличен буџет како претходната.

ЧСМ Букурешт во новата сезона ќе располага со 3,5 милиони евра, а оваа недела клубот треба да го потврди доаѓањето на неколку нови ракометарки, меѓу нив ќе биде и повратничката во клубот, Крина Пинтеа.

Репрезентативката на Романија во старо-новиот клуб ќе биде една од најплатените ракометарки, бидејќи ќе зема месечна плата од околу 11.000 евра. Во претходната сезона, најплатена ракометарка во ЧСМ Букурешт и воопшто во Романија беше Кристина Неагу со сума од 22.000 евра.

Како нови засилувања во романскиот вицешампион се споменуваат и двете репрезентативки на Франција, Лора Глосе од Ѓер и Грас Заади од Мец, како и една од најдобрите ракометарки на светот, Ана Грос од Крим.

Клубот и во оваа сезона не успеа да обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите откако беше елиминиран во четвртфиналето од Есбјерг, но раководството на поранешниот европски шампион успеа да обезбеди стабилен буџет за следната сезона.