Червар: Македонија со играчи од Втора лига беше на чекор до сензација

Поранешниот селектор на Македонија и тренер на Металург, Лино Червар, во изјава за хрватскиот „Индекс“ го поздрави потегот на селекторот Кире Лазаров да вклучи млади играчи во националниот тим.

Македонија и покрај тоа што во ростерот имаше неискусни играчи, сепак беше рамноправна со Словенија и можеше во финишот да извлече подобар резултат.

„Знаете зошто Македонците беа на чекор до сензација? Бидејќи против екипа, составена од фантастични интернационалци играа со второлигашки ракометари, но млади и мотивирани. Почнаа натпревар со момци кои никогаш не играле толку важен натпревар, а до самиот крај ја држеа в раце Словенија. Тоа е исправен пат. Така се работи“, вели Червар.

Тој им откри на Хрватите за различните концепти на работа во Македонија.

„Додека бев во Македонија, постоеја две страни. Мојата беше да се потпреме на наши деца од кои ќе формираме играчи и луѓе. И постоеше страната на Вардар. Дојде богат човек од Русија, купи се што можеше да се купи и ја освои ЛШ. Но, што му остави тој на македонскиот ракомет? Ништо, една голема нула. Таква стратегија може да донесе краткорочно задоволство, но тука нема никаква иднина“, заврши Червар.

Македонија вечерва од 18:00 часот во „Феникс Арена“ ќе го одигра вториот натпревар против Црна Гора.