Чантурија: Во Македонија играм 16 години, ама вака интересна лига – немало досега!

Тимот на Прилеп го исполни првиот услов за да остане во игра за пласман во плеј-офот. Избраниците на Горан Кузманоски славеа на гостувањето кај Бутел Скопје со 19-21.

Вториот услов за место во плеј-оф ќе биде пораз на Тиквеш кај Работнички, како и победа на прилепчани над Еурофарм Пелистер 2 со најмалку четири погодоци разлика.

Реваз Чантурија одигра одлично и постигна десет погодоци. Искусното десно крило смета дека пресудно за победата била поголемата желба за триумф што ги остава во борба за плеј-оф.

„Лошото прво полувреме со Тиквеш не оддалечи од плеј-оф, но сега одигравме еден борбен и квалитетен натпревар и славевме над екипа каква што е Бутел. Одигравме за нас, за младите играчи да добијат самодоверба и да знаат дека вредат, а по лошото издание со Тиквеш ни требаше еден ваков натпревар. На дуелот со Бутел пресуди нашата борбеност, одличната игра во одбраната, поголема желба за победа. Честитки за домашниот тим за коректната игра. Ова е млада екипа, сите имаат по 20 или 21 година, освен мене како најискусен, задоволство ми е да бидам дел од Прилеп. Ова е најчудно и најинтересно првенство откако играм во Македонија“, вели Грузиецот со македонски пасош за 24Ракомет.

Десното крило вели дека целта на Прилеп е опстанокот во лигата, но ако се пружи шанса в недела за плеј-оф, ќе биде искористена.

„Одиме чекор по чекор, наша цел беше опстанок во лигата, но ако ни се пружи шанса за плеј-оф, зошто да не. Немаме притисок, ништо не мораме против Еурофарм Пелистер 2. Ќе се подготвуваме како за секој натпревар. Шанси имаме, ова е спорт, нема да го следиме дуелот меѓу Работнички и Тиквеш, и ќе гледаме само ние да победиме со четири или повеќе голови против битолчани. Се работи за поискусна екипа и тие се благи фаворити. Но и да не победиме, нема да биде трагедија“, заврши Чантурија.

Натпреварите кои ќе го дадат последниот патник во плеј-офот, Работнички – Тиквеш и Прилеп – Еурофарм Пелистер 2 ќе се одиграат в недела од 17:00 часот.

Чантурија одличен, ги водеше прилепчани до победа против Бутел