Чаир со многу новитети во новата сезона, има шест засилувања

Екипата на Чаир која во последната сезона финишираше на 4. позиција во Супер женската лига во новата сезона ќе влезе со многу изменет состав бидејќи еден дел од ракометарките си заминаа. Сепак, клубот веќе ангажираше нови со кои ќе треба да се задржи квалитетот и да се продолжи со истото ниво на игра.

Во тимот доаѓа кадетската и младинска репрезентативка на Македонија, Теодора Дукоска која досега настапуваше за составот на Стружанка. Таа е една од оние девојки кои повремено се и на списокот на сениорскиот состав. Доаѓаат и три ракометарки од Металург, а станува збор за левиот бек Теодора Гулицоска, десното крило Мирјана Петковска и левото крило Билјана Дамчевска.

Од Вардар, пак, доаѓа Стефанија Ѓорѓиевска која игра на позицијата лево крило. Раководството на Чаир се договори и со голманката Магдалена Којовиќ од Црна Гора. Таа досега настапуваше за составот на Подгорица.

Планирани се уште две засилувања и тоа на голманската и бековската позиција, но нивните имиња би требало да бидат официјализирани во текот на следните денови.

Утре тимот заминува на десетдневни подготовки во Кладово каде што се договорени две контролни средби со екипи кои настапуваат во најсилната лига на Србија. Покрај тоа се чека и потврда за трет дуел и тоа со екипа од Романија.

Покрај ова договорени се и две контроли со екипи од Црна Гора. Ќе се одмерат силите со тимовите на Улцињ и Бар.