Црна Гора се врати после негатива од осум гола, па освои бод против Шпанија

Во натпревар кој решаваше единствено за подобар пласман на крајот од првенството и не можеше да донесе битка за медал или за 5. позиција, селекциите на Црна Гора и Шпанија одиграа нерешено, 26:26.

Двете репрезентации добија по едно полувреме. Шпанија тргна далеку подобро и ги користеше сите грешки кои ги правеа ракометарките од Црна Гора. Постепено ја зголемуваше предноста, а на средината од првиот дел Шпанките имаа високи 11:3.

Овие седум гола разлика овозможија составот на Шпанија да влезе во продолжението мирно. Тоа резултираше и со стабилизирање на предноста која до крајот на првиот дел остана 6-7 гола.

На одмор се замина со резултат од 17:11 во корист на „фуријата“, но беше очигледно дека Црногорките успеаја да најдат против игра и дека во вториот дел од средбата ќе биде многу поинтересно.

После десет минути игра во вториот дел од средбата негативата за Црногорките беше преполовена. Дојдоа на 17:20 и најавија враќање во овој дуел. Само три минути подоцна после серија од 5:0 дојдоа до нерешени 20:20 и тука средбата како да почна одново.

Се влезе во еден интересен период во кој и на двете страни имаше што да се види. Сепак, ова беше шанса и за голманките. Прво Наваро, а потоа и Ненезиќ беа сигурни во последната минута така што овозможија по бод за своите селекции.

Со овие нерешени 26:26 позадоволни можат да бидат ракометарките од Црна Гора кои најверојатно ќе финишираат на 4. позиција во Групата 1 бидејќи во моментов имат три бода, два повеќе од Шведска, која доколку загуби од Франција ќе биде шестопласирана. Шпанија во моментов е на 5. место.

Нереа Пена со шест гола и Гутиерез Бермејо со четири беа најефикасните на овој дуел во редовите на Шпанија, додека Јованка Радичевиќ со седум и Ѓурѓина Јауковиќ со пет ги предводеа стрелците во Црна Гора.

Ова беше последен натпревар за Црна Гора и Шпанија на Европското првенство така што за нив финишираше настапот на овој шампионат.