Циндриќ и Де Варгас не мрдаат од Барса – ќе останат до 2025 година!

Европскиот првак Барселона ги официјализира новите договори на двајца клучни ракометари, кои беа потпишани кон крајот на 2020 година.

Станува збор за екс вардарецот Лука Циндриќ и голманот Гонзало Перез Де Варгас, кои се обврзаа на нова соработка.

Нивните актуелни договори беа валидни до летото 2023 година, но тие потпишаа нови на две години што значи дека во „Блауграна“ ќе останат најмалку до 2025 година.

Претходно Барса ја продолжи соработката со Н’гесан и Гомес, а во меѓувреме беше потврдена соработката со катарскиот репрезентативец Јусуф Бенали, кој ќе го менува повредениот Фраде до крајот на оваа сезона.

Освен голманот Лео Масиел и левото крило Анхел Фернандес, сите други имаат актуелни договори и за следната сезона. На местото на Масиел доаѓа Емил Нилсен од Нант, додека на местото на Фернандес доаѓа Хампус Ване.