Хрватскиот талент останува во Битола: Матео Мараш до 2023 година во Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер и ракометарот Матео Мараш ја продолжија соработката за уште две сезони и хрватскиот десен бек се обврза на нов договор, заклучно до јуни 2023 година.

20-годишниот сплиќанец дојде минатото лето на позајмица во Битола, а на обострано задоволство потпишан е нов договор. Иако млад, остави одличен впечаток особено на последните натпревари од Лигата на Европа.

„Сакам да му се заблагодарам на клубот. Првите шест месеци минаа многу убаво, беше прилагодување, но се чувствувам убаво тука. Играме многу добро, клубот покажува дека е на високо европско ниво, што може да се види низ натпреварите во Лига Европа и натпреварите кои ни претстојат, а на кои сакаме да покажеме кој е нашиот вистински квалитет. Имаме мала хрватска колонија тука во Битола. Имаме голем број интернационалци и многу добро сме сложени во тимот. Добро се согласуваме, добра клапа сме и пријатно е да се тренира и да се биде во овој клуб“, изјави Мараш.

Со овој потег продолжува тенденцијата на Еурофарм Пелистер, започната во јануари, со продолжувањето на договорот со Мандалиниќ и во февруари со тренерот Жељко Бабиќ.