Хрватска чекаше десет години и се избори за големо финале во Стокхолм

После 20 дополнителни минути и големо надигрување една топка пресуди кој ќе дојде до победата во првото полуфинале на Европското првенство. Хрватска славеше со голот на Жељко Муса, на додавање на Карачиќ со 29:28 и в недела ќе игра во финалето.

Од стартот на средбата се виде дека ова ќе биде максимално возбудлив дуел во кој нијанси ќе одлучуваат за победникот. Хрватите покажаа дека се подготвени за надигрувае. Поведоа преку Мариќ, но потоа Норвешка беше таа која постојано беше во гол водство, а Хрватска израмнуваше.

Така беше до 4:4 после десет минути игра. Тука Хрватите ја презедоа иницијативата, но одново беа во гол предност. Првпат имаа плус два при 7:5 во 13. минута, но постојано разликата одеше од гол до два. Во 19. минута Хрватска стигна и до 9:6, но до крајот на првото полувреме немаше одново три гола предност, па Норвежаните се држеа на два гола негатива.

На одмор Хрватска имаше 12:10 откако играчот кој го постигна првиот гол на мечот пред истекот на времето реализираше за плус два.

Почетокот на второто полувреме донесе одново интересен тек. Репрезентативците на Хрватска стигнаа одново до плус три и поведоа со 15:12. Сепак, оваа предност ја снема откако Норвешка успеа да фати ритам и да влезе во мала серија, па во 40. минута да дојде до нерешени 15:15.

Тука почна уште поголема борба на теренот, а неколку минути имаше менување во предноста од двете страни. Постојано имаше гол предност или на едната или на другата страна, а така се влезе и во последните десет минути.

Бергеруд се разбрани во завршницата, а успеа да одбрани зицер на Карачиќ за водство што донесе шанса за водство на Норвешка. Истата беше искористена и во 54. минута Гулеруд донесе предност за Норвежаните од 22:21. Следуваше промашен пенал за Норвешка, а потоа и грешка. Дувњак, пак, реализираше двапати и на три минути до крај Хрватска одново беше во водство.

Хрватска остана без Степанчиќ кој мораше на две минути одмор, но Ашанин одбрани уште еден пенал во серија. Сепак, не беше искористена можноста за гол за плус два, па Норвежаните на 30 секунди до крај израмнија преку Јондал така што последниот напад беше за Хрватите. Се прекомбинираа, па првото полуфинале мораше во продолженија.

Во првите пет минути од продолженијата имаше по еден погодок на двете страни. Потоа Хрватска поведе со 25:24, но брзо следуваше реакција на Норвежаните кои со два гола го свртеа натпреварот. Победникот висеше до крајот на десетте минути. Хрватите добија пенал за да израмнат, а Дувњак беше реализатор за 26:26 и уште нови десет минути.

Имаше голема тензија во играта, а јасно беше дека една топка ќе одлучи. Норвешка имаше шанса за победа, но Шего одбрани, а потоа за десет секунди Хрватите организираа напад во кој Карачиќ додаде до Муса, кој реализираше за победа.

После десет години Хрватска одново е во финале на едно Европско првенство и Лино Червар ќе може да ги комплетира трофеите од големите натпреварувања.

Прв стрелец во победата на Хрватска беше Дувњак со осум гола, додека шест имаше Мариќ. Во Норвешка Сагосен стигна до десет погодоци. Бергеруд имаше 14 интервенции, додека Шего заврши со 11.